Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги прогласи навивачите на скопски Вардар за најдобри навивачи во шестото коло од лигата на шампионите.
Во видеото од натпреварот Вардар – Киелце, кое е објавено на сајтот на ЕХФ се истакнува дека вулканот во салата „Јане Сандански“ повторно еруптирал“ и дека „емоциите, страстите и црвениот бран ја носеле скопската екипа кон убедлива победа“.
Македонскиот ракометен шампион во натпреварот од Лигата на шампиони убедливо го совлада европскиот првак Киелце, со 40:34 во салата „Јане Сандански“ која беше исполнета до последното место.
Голманот на Вардар, Арпад Штербик доби признание од ЕХФ за најдобра одбрана.
Штербик и Игор Карачиќ се најдоа меѓу седумте најдобри играчи од шестото коло. Штербик на натпреварот со Киелце имаше 16 одбрани, а Карачиќ постигна девет гола.