Маж и жена побегнаа од холандски „ковид хотел“, ги уапсија во авион за Шпанија

LinkSense.mk

Холандската полиција вчеравечер уапси на аеродромот во Амстердам маж и жена кои побегнале од карантин воспоставен за патници кои пристигнале од Јужна Африка и биле позитивни на тест за ковид-19, после откривањето на новиот вид „омикрон“.

Полицијата уапси брачен пар кој побегнал од хотелот во кој биле во карантин. Тие се фатени во авион којшто се подготвувал за полетување за Шпанија“, изјави портпаролот Стан Верберкт.

Триесетгодишниот Шпанец и дваесет и седумгодишната Португалка се предадени на санитарните власти, објавија од Министерството за внатрешни работи.

Инцидентот се случил откако холандските власти објавија дека 13 патници од 61, кои биле позитивни на тестот за ковид по доаѓањето во петокот во Амстердам, се заразени со новиот вид омикрон.

Против сопружниците ќе биде поднесена пријава за кршење на законот за јавна сигурност. Тие повторно се ставени во изолација, но сега биле во друг хотел.

Сите патници кои биле позитивни на ковид се сместени во ист хотел, а на само неколку од нив им била дадена дозвола да бидат во сопствениот дом. И патниците кои биле негативни на тестот добиле наредба да бидат во изолација.

После инцидентот полицијата и припадници на агенција за обезбедување почнаа да го надгледуваат хотелот во кој се спроведува карантин.

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)