Македонија и Грција потпишаа договор за воена соработка

Помош и поддршка за прашањата поврзани со интеграција на армијата на Македонија во НАТО структурите, обука и едукација во центри на грчката армија и соработка за низа теми од заеднички воен интерес, вклучува договорот за билатерална воена соработка за 2021 година потпишан меѓу Македонија и Грција, пренесува МИА.

„Со потпишувањето на конкретната програма дополнително се надградува воената соработка и интероперабилноста меѓу вооружените сили на двете земји со спроведување како на заеднички вежби, така и оперативни активности. Во исто време, се истакнува клучната улога на Грција во брзата и ефикасна интеграција на соседната земја во механизмите на Алијансата, факт што ги промовира безбедноста и стабилноста во поширокиот регион на Балканот“, соопштуваат од Генералштабот на грчката армија за потпишаниот договор.

Поконкретно, програмата вклучува помош во прашањата поврзани со интеграција на македонската армија во структурите на Алијансата, едукација и обука во грчки воени институции и школи на трите сектори на вооружените сили, обезбедување на специјализирана обука во неколку центри како што е Мултинационалниот тренинг центар за поддршка на мировни операции и Центарот за воздушна и ракетна одбрана, активности за понатамошна надградба на соработката во специјалните операции со спроведување на заеднички обуки во двете земји, како и соработка за сајбер просторите, информациите, воена медицина и логистиката.