„Македонија пат“ и МРТ заедно должат околу 8 милиони евра данок

Управата за јавни приходи ја објави четвртата нова листа на должници на која се најдоа имињата на 4.251 фирми и физички лица.

Седум милони евра за неплатен данок на добивка и ДДВ должи јавното претпријатие „Македонија пат“, а Македонската радиотелевизија 1,4 милиони евра.

Најголем должник е „Отекс“. Охридската фирма на државата и должи 11,1 милион евра. Оваа компанија со месеци е на врвот на листата неплаќачи на даноци на УЈП.

Меѓу останатите јавни претпријатија кои се на листата на должници се јавното претпријатие Комуналец од Гостивар, тетовското комунално јавно претпријатие и јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура.

Должници се и голем број фирми во стечај како и физички лица.

Последната листа се однесува на должници кои имаат долгови доспеани до 31.12.2016 и неплатени до 31.03.2017 година.

Долговите се по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување и акцизи и царини за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.