Македонија поразена од Црна Гора

LinkSense.mk

Ракометната репрезентација на Македонија загуби од Црна Гора со 24-28 во натпревар од второто коло на Европското првенство одигран вечерва во унгарски Дебрецин, со што ги загуби шансите за пласман во наредната фаза. „Црвено-жолтите“ во првиот меч беа поразени од Словенија со 25-27.

Избраниците на Кирил Лазаров слабо го отворија дуелот, дозволувајќи му на противникот да поведе со 8-3 во 13-та минута. Во тој период Мартин Серафимов ги постигна сите голови за Македонија. Со влегувањето во игра на искусниот Филип Миркуловски, Македонија заигра подобро во нападот, со што на полувреме замина со минимална негатива (16-17).

Македонија и во вториот дел постојано ја бркаше предноста на Црна Гора, кој во завршницата ги искористи загубените топки на црвено-жолтите и промашувањата од изгледни ситуации во нападот, за да слави.

Мартин Велковски постигна шест гола од седум обиди, а Цветан Кузманоски реализираше пет удари, додека кај Црна Гора предничеа Милош Вујовиќ и Божо Анѓелиќ со по шест погодоци. Голманот Никола Митревски, кој се врати во составот, забележа девет одбрани откако влезе во игра во 25-та минута. На спротивната страна Небојша Симиќ имаше 14 интервенции, од кои неколку клучни во второто полувреме.

Селекторот Лазаров денеска не можеше да смета на Стојанче Стоилов поради позитивен тест на коронавирус.

Во понеделник Македонија се среќава со актуелниот светски првак Данска во последниот дуел од групната фаза.

 

 

 

 

 

(Фото: РФМ)