Македонци од Германија бараат поедноставување на постапката за вадење македонски пасоши

Иницијативен одбор формиран од македонски државјани со престој во Германија преку отворено писмо апелираат за подобрување на услугите во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава и бараат поедноставување на постапката за
вадење македонски пасоши.

„Додека се зголемува потребата за точни и брзи информации, начинот на работење на дипломатско-конзуларни претставништва останува ист. Услугите кои ги добиваме од нив ги оценуваме како недостојни и недоволни за нас. Овие услуги се на застарено ниво и не нудат флексибилна, ефикасна и достојна услуга за нашите граѓани во
Германија. Два главни проблеми, поради кои се започнува оваа иницијатива, се постапката за продолжување на патна исправа и општата достапност на информации“, се наведува во отвореното писмо.

Авторите на писмото посочуваат дека речиси е невозможно да се поднесе и добие пасош во нашата амбасада, поради долга и нејасна постапка, па затоа најчесто се принудени постапката да ја почнат во земјава, дури и во време на пандемија и други непредвидливи бариери за прекугранично патување.

„Достапноста на информации е на едно поразително ниво. Веб страните не се ажурираат редовно, телефонско советување е речиси невозможно, или зависи од непрофесионални службеници. Ниту пандемијата како вонредна состојба во целиот свет не смени ништо во начинот на информирање, иако тоа беше попотребно од било кога“, велат нашинците кој престојуваат во Германија.

Тие бараат формирање на дежурен центар, кој ќе работи 365 дена во годината и ќе биде квалитетно обучен и опремен да доставува информации на граѓаните за состојбата на границите, за нивните права, како и секакви информации за дипломатско-конзуларните претставништва, достапен на бесплатен или ниско тарифен германски фиксен телефонски број и на македонски како и на јазиците на
националностите кои живеат во земјава.

Натаму тие бараат да се воведе можност за поднесување на документи и за добивање на патна исправа во дипломатско-конзуларните преставништва.

Опремување на ДКП исто како и секоја служба за патни исправи во Македонија. Електронски систем за закажување на термин за поднесување на документи за нова патна исправа или лична карта. Електронско поднесување на барањето за обнова на документите. Можност за фотографирање, исто како и во службите во Северна
Македонија. Опремување на сите ДКП како би биле достапни за повекето граѓани кои живеат на територијата на цела Германија. Така обработените барања да се праќаат веднаш до центарот за печатење во Македонија се дел од барањата наведени во отвореното писмо.

Иницијативениот одбор бара и изготвените пасоши да се доставуваат во најбрзо време со дипломатска пошта, а Министерството да склучи и договор со авиокомпаниите кои би ја доставувале поштата, со што готовите патни исправи би се доставувале на граѓаните во Германија лично или преку курирска служба со препорачана пошта, за да не мораат да патуваат два пати во ДКП.

„За таа цел Амбасадата во Германија да склучи договор со една од курирските служби кои ќе го извршуваат доставувањето. Времетраењето од поднесување на апликацијата до добивање на пасошот да не трае повеќе од двојно на една пасошка служба во
Македонија“, се додава во писмото.

Тие бараат и да се формира заеднички совет меѓу Министерството за надворешни работи, ДКП и граѓанската иницијатива, која ќе ја следи и ќе дава препораки за подобрување на услугата на дипломатскоконзуларните претставништва, кој ќе се состанува најмалку еднаш во шест месеци и ќе изготвува записник што ќе се доставува до Владата и МНР.

„Барањата се базираат на начинот на работење на многу амбасади во Германија, така што не се работи за нереални барања. Веруваме дека со користење на достапната технологија и обучен, мотивиран кадар ќе се овозможи достоен сервис за нашите граѓани“, се додава во отвореното писмо.