Малиот Мурињо доаѓа од Босна

Един Џонлиќ, со потекло од Босна и Херцеговина, го привлече вниманието на фудбалската јавност така што стана најмладиот тренер во Европа со А лиценца.

Британскиот „Дејли Меил“ ја објави приказната за, како што велат, Мини Мурињо, а Мехмед Баждаревиќ, селекторот на репрезентацијата на БиХ, истакнал дека со задоволство би го видел меѓу „змаевите“.

Државјанинот на Норвешка неодамна наполни 22 години, а до А лиценцата дојде во јуни годинава, кога имаше 21 година. Набрзо после тоа го доби прекарот Малиот Мурињо, по трофејниот Жозе Мурињо, кој во моментов е менаџер на Манчестер јунајтед.

Од мал имал љубов кон фудбалот, а кога одлучил дека не сака повеќе да игра, се посветил на тренерската работа.

„Од секогаш сакав да играм фудбал. Но, рано одлучив да бидам тренер. Сфатив дека фудбалот не го сочинуваат само играчите. После разговорот со татко ми дојдов до заклучок дека сакам да бидам тренер“, рекол Џонлиќ, а пренесува „Дејли Меил“.

„Читав за Мурињо и за други тренери кои рано ја почнале кариерата и помислив дека тоа можам да го направам како помлад од нив“, објаснил тој.

Џонлиќ истакнал дека почнал да го тренира локалниот клуб во Норвешка и дека со 15 години стасал до Ц лиценца.

Продолжил да тренира помлади категории и со 18 години можел да се пофали со Б лиценца.

Моментно посетува студии на Солтен универзитетот во Саутемптон.

Имал понуди од Арсенал и Тотенхем да учи во нивните академии, но ги одбил.

djonic-3

„Секој викенд ги гледам сите натпревари, а после тоа се посветувам на анализи, онака за себе. Се гордеам со рекордите кои на некој начин ги поставив, но сакам на себе да работам уште повеќе за да бидам уште подобар. Времето е на моја страна. Желбата ми е да работам во Англија и да бидам менаџер на некој премиерлигаш. Не сакам да звучам арогантно, но верувам дека тоа можам да го направам“, изјавил Џонлиќ.

Додава дека примери му се Мурињо и Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул.

„Клоп е револуционер и се воодушевувам на тоа како ја врши работата. Се разбира, тука е и сер Алекс Фргусон, кому едноставно мораш да му се восхитуваш затоа што е најдобар меѓу најдобрите. Човек мора да се восхитува на прагматизмот на Мурињо, на идеализмот на Клоп и на лидерските способности на Фергусон. Ако успеам да ги спојам тие три работи во една, тоа би бил совршен тренер, јасен е Џонлиќ.

djonlic-2

Едно време соработувал со Баждаревиќ, кој за него има само зборови за пофалба, но му порачал дека мора напорно да работи и дека никогаш не може се да се знае.

„Тренерската работа е специфична, а Џонлиќ е многу талентиран. Тренерите стално се надградуваат. Имав прилика да работам со сјајни тренери кои во седумдесетите години од животот говореа: „Оваа година најмногу научив“. Мора да биде упорен, а наша голема желба е да го видиме во селекциите на БиХ“, рекол селекторот на „змаевите“, кој му порачал да не ги слуша многу приказните од страна и споредбите со другите тренери.