Деца учеле верски обреди во куќа на турски државјанин

LinkSense.mk

Дваесет деца на возраст од 6 до 11 години со две наставнички биле затекнати во приватна куќа каде што противзаконски се оддржува настава со верски обреди. Децата учеле молитви, поклоненија и други религиозни заповеди секој работен ден од 11 до 16 часот.

Ова го откриле инспектори на Секторот за инспекциски надзор над примената на законските и други прописи од областа на социјалната заштита и заштита на децата – Одделение за инспекциски надзор од дејноста на заштита на децата при Министерството за труд и социјална политика заедно со инспектор од Државниот инспекторат  за  труд по службена должност во координиран вонреден инспекциски надзор денеска околу пладне.

По барање на инспекторот од Државниот инспекторат за труд за увид во документацијата за  работа на објектот во кој се случува оваа незаконска дејност, било кажано дека целокупната документација ја поседува сопственикот на хуманитарното здружение  „Мустафа Паша“, кој е турски државјанин.

Исто така, од кажување на присутната наставничка оваа хуманитарна организација имала повеќе објекти со ист воспитно образовен карактер, но истата не знаела каде се наоѓаат.

„Во интерес на безбедноста на децата кои спротивно на закон се згрижуваат во  хуманитарна организација Министерството за труд и социјална политика за затекната состојба ќе ги информира и МВР и Министерството за образование и наука со барање да се испитаат во рамки на нивните ингеренции да се испитаат оправданоста, карактерот, целите и намерите на хуманитарната организација„.велат од ресорното министерство.