Меркел: Безбедноста – главна тема во кампањата

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека безбедноста ќе биде големо прашање во текот на кампањата пред сојузните избори закажани за 24 септември, на кои таа ќе се обиде да добие четврти мандат.

Загриженоста околу безбедноста е распостранета во Германија откако повеќе од еден милион мигранти, главно од Блискиот исток и Африка, влегоа во таа земја во изминатите две години.

Доаѓањето на мигрантите, со неколкуте напади за кои се одговорни азиланти, доведоа до раст на поддршката на партијата Алтернатива за Германија (АФД).

„Луѓето чуствуваат дека многу нешто се менува. Мислам дека прашањето за безбедноста ќе има клучна улога во претстојните месеци“, рече Меркел на состанокот на својата конзервативна партија Христијанско демократска унија
(ЦДУ) во Грифсвалд, на североистокот на Германија.

Според резултатите од анкетата на агенцијата „Форшунсгруп“, ЦДУ и нејзината сестринска партија од Баварија, Христијанско социјалистичката унија (ЦСУ), би добиле 36 отсто од гласовите ако изборите се одржат денес.

Коалициониот партнер, Социјалдемократската партија (СДП), би добила 24 отсто.

Меркел изрази оптимизам дека нејзината СДУ и ЦСУ ќе можат да постигнат договор за заедничка изборна програма.

Двете партии изразија несогласување околу начинот на решавање на приливот на мигранти.