Повлекување на Минхен од мапата на Европското фудбалско првенство не е на дневен ред, порачаа денеска германските власти, реагирајќи на најавите од УЕФА за одземање на организацијата на натпревари во градови кои нема да бидат во можност
да примат навивачи.
„Германската фудбалска федерација и градот Минхен продолжуваат да работат на различни сценарија околу прашањето за присуство на гледачи. Повлекувањето на Минхен никогаш не било и не е на дневен ред“, соопшти германскиот Организациски одбор.
Минхен треба да биде домаќин на три натпревари на Германија на ЕП во рамки на групата Ф, против Франција, Португалија и Унгарија, како и на еден четвртфинален натпревар.
Реакцијата на германската страна доаѓа, откако УЕФА неодамна најави дека не сака турнир без публика, најавувајќи можност некои од натпреварите да се преместат во други градови во зависност од епидемиолошката состојба.
Градоначалникот на Минхен Дитер Рејтер, исто така, ја критикуваше едностраната најава од УЕФА.
„Би сакал претставниците на УЕФА, особено во овој момент, да бараат директен контакт со градовите домаќини, со цел заеднички да се изнајде решение. Во овој момент е невозможно да се каже дали нивото на зараза со пандемијата на Ковид-19 ќе овозможи да примиме навивачи во јуни или не. Но, јасно е дека согласно сегашните важечки прописи, организација на такви настани со публика не е дозволена“, порача
минхенскиот градоначалник.