Мистериозна болест ги нападна американските дипломати во Виена

Од почетокот на годината меѓу вработените во американската администрација во Виена е забележан евидентен раст на здравствените инциденти со симптоми слични на мистериозната болест на мозокот која се појави во Хавана во 2016 година, наведуваат светски медиуми.

Од јануари до сега повеќе од 20 американски дипломати во Виена пријавиле симптоми слични на „Хавана синдромот“.

Американската влада истражува низа здравствени инциденти што се случиле, во нивната амбасада во австриската престолнина, укажува Би-Би-Си, истакнувајќи притоа дека пријавените симптоми се многу слични со „Хавана синдромот“ за кој сеуште не е утврдена дефинитивна причина, но за кој американските научници велат дека најверојатно е предизвикан од насочено микробраново значење.

Случаи со таква состојба забележани се и во други делови од светот, но бројките во Виена се поголеми отколку во кој било друг град, освен во Хавана.

Синдромот првпат е забележан на Куба во 2016 и 2017 година кога повеќемина американски и канадски дипломати се пожалиле на симптоми од вртоглавица, губење на рамнотежа, слух и анксионост, до нешто што го опишале како „когнитивна магла“.

Случаите во Виена првпат излегоа на видело во магазинот „Њујоркер“, а подоцна ги потврдија Стејт департментот и Пентагон.

Австрија исто така ги истражува пријавените случаи на болест меѓу американските дипломати.