Мицкоски влегува во Владата ….

LinkSense.mk

За денеска попладне е закажана средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која ќе се разговара за енергетската криза и за начините како да се ублажат последиците од неа.

На средбата, покрај Мицкоски, ќе присуствува и економскиот тим на партијата кој ќе го презентира планот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за надминување на последиците од кризата.

„Ги нудиме нашите ресурси и концептот. Утре ќе биде запознаен и премиерот. Би требало да се разговара во вакви тешки времиња, треба да седнеме заедно најголемата опозициона партија и Владата“, изјави вчера Маја Кадиевска во емисија на телевизија 24.

Средбата доаѓа по неколкудневните несогласувања за евентуални разговори, откако Мицкоски го повика Ковачевски на ТВ дуел.

Вчера, премиерот го повика лидерот на опозицијата да присуствува на седницата на Економскиот совет на Владата закажана за среда, но Мицкоски ја одби поканата изјавувајќи дека не гледа потреба да присуствува затоа што во него членуваат истите луѓе кои не ги решиле проблемите во ковид кризата.

 

Не одете по телевизии и портали… Дојдете во Владата и предложете мерки и концепти за решавање на кризата…“

                  Димитар Ковачевски, премиер

 

„Местото за предлагање на мерки и на концепти е Економскиот совет на Владата во проширен состав на којшто присуствуваат сите претседатели на стопански комори, претставници на академската заедница, економисти од МАНУ, претставници на најголемите компании, претставници на Владата од сите економски ресори и нормално, во овој случај, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, којшто исто така доаѓа од секторот на енергетика, односно од Машинскиот факултет“, рече вчера Ковачевски.

 

Наспроти него, Мицкоски изјави дека не гледа причина да присуствува на седницата на Економскиот совет и дека е подобро да има ТВ дебата.

 

„Ако ги решавате работите како со Ковидот, ништо нема да постигнете Одберете тим, подготвен сум да ви помогнам…“

              Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ

 

„Не гледам причина зошто би влегол јас во ова сценарио на претворање на целата оваа работа која што е многу сериозна на пазар, бидејќи се работи за иднината на државата и за иднината на граѓаните. Подобро ќе беше да излеземе на ТВ дебата. Таму седат луѓе кои што досега ништо не решиле, тие луѓе кои што беа за ковидот. Ако така ги решаваат работите, како што ги решававме за ковидот, јас навистина не сакам ниту нивното, ниту своето време да го губам. И затоа им реков одберете тим, подготвен сум да ви помогнам“, рече Мицкоски вчера на гостувањето во „Студио 10“ на Телевизија 24.

Од друга страна, бизнис секторот вчера побара од Владата најдоцна до среда да донесе мерки со кои ќе го ублажи ценовниот удар, во спротивно најавуваат затворање на капацитетите. Од Стопанската комора сметаат дека брзината на реакција е пресуден фактор за зачувување на макроекономската и на буџетската стабилност на државата.

„Ситуацијата во која се наоѓа стопанството е сериозна со оглед на високите сметки за електрична енергија, зголемени до шест пати, за што ниту една компанија не е виновна. Повеќе од 1.600 правни субјекти кои се наоѓаат на слободниот пазар на 30.9.2022 година беа анкетирани и рекоа дека се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Почнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеца кога се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година“, се наведува во вчерашното соопштение на Комората.

Според Комората, фирмите, оставени сами на себе да се снаоѓаат, излез бараат во враќањето на регулираниот пазар.

„Комората регистрира случаи на правно преструктуирање (делење на фирмите за да се исполнат условите за влегување на регулираниот пазар), што може да доведе до сериозни последици за сиот енергетски систем, исто како и за отпуштените работници, кои, иако дома имаат субвенционирана цена на струјата, нема да можат да ја платат“, оценуваат од Комората.

Бизнис секторот смета дека нивните барања се оправдани и економски издржани за да се зачува ценовната конкурентност на македонските производи.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера во изјава за медиумите потсети дека во тек се преговори со соседните држави за да се обезбедат енергенси и електрична енергија по поволни цени. Со Србија се преговара да се обезбеди гас од нивните складишта и доколку се најде начин тој да се донесе во земјава за да се произведува електрична енергија, половина од енергијата би била за Србија, а половина за нас.

„Од српска страна се уште се испитуваат можностите тоа да се направи. Доколку бидат во можност да го испорачаат гасот да стигне во Северна Македонија, тогаш таа идеја ќе може да се реализира“, рече Ковачевски.

Со Бугарија, како што појасни, се разговара за билатерален договор за обезбедување на електрична енергија по поповолна цена од берзанската, но и покрај волјата од бугарска страна, за реализација на таквата идеја Софија ќе мора да ги почитува правилата и регулативите на ЕУ во таа сфера, кои ја обврзуваат сите вишоци на струја да ги продава преку берзата.

Се чека и на понудата од турски „Ботош“. Треба да се види која е понудата и колку е количината што тие можат да ја испорачаат, а истовремено се водат разговори и за ослободување на прекуграничните капацитети за транспорт на таа електрична енергија.

Според премиерот, веќе се подготвуваат и листите и категориите на граѓани коишто ќе бидат поддржани со дополнителни финансиски средства од буџетот, со цел да можат полесно да ја пребродат кризата.

 

 

 

 

 

 

(Фото: А1.он)