Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ бара експертите да предложат закон за ЈО

„За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо законско решение што ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство“, вели лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

„Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство“, наведува Мицкоски во пишана изјава испратена
од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Обвинителството молчи за крупни случаи што се поврзуваат со криминал, додека власта пробува да турка закон пред изборите, чиј вистински интерес е да се заштити по изборите од одговорност.

„И одново власта ја турка земјава во слепа улица, со цел да не дозволи решение што ќе донесе независно обвинителство кое не само што нема да молчи туку ќе биде главната острица во борбата против криминалот. И сиот лажен наратив на власта за мотивите на опозицијата пропадна бидејќи на маса имаме лошо законско решение го потврдија и самите експерти и професори на Правниот факултет. Борбата против криминалот не смее да дозволиме да биде заглавена помеѓу суетите на пар министри и стравот на поранешниот премиер Заев дека ќе мора да се соочи со одговорност“, посочува тој.

Мицкоски наведува да не се креира законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти кое ќе биде прифатливо за Собранието.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски во изјава за медиуми во меѓувреме, рече дека доколку има нови моменти од страна на преговарачките тимови, во однос на законот за ЈО, медиумите ќе бидат навремено известени или денеска во текот на денот или утре.

„Во однос на преговорите и преговарачките тимови можам само да истакнам дека единствено на СДСМ и на владата на Рената Дескоска, на Зоран Заев не им одговара да се донесе нов закон за обвинителство. Најверојатно поради одредени суети, одредено его и нормално за да можат да се заштитат од целокупниот криминал кој што ги има правено оваа влада во изминативе три и пол години. Во однос на законот за јавно обвинителство многу работи им беа посочени кои што ги посочуваше ВМРО-ДПМНЕ и од страна на експертите на јавната расправа, така да сметаме дека во моментов само СДСМ не сака да се донесе закон за јавно обвинителство кој што треба да донесе неселективна правда за граѓаните. Во однос на преговорите доколку има нови моменти од страна на преговарачките тимови ќе бидете благовремено известени или денес во текот на денот или утре во текот на денот“, рече тој.

На новинарско прашање дали имаат покана за учество на дебата во поширок состав на работни групи во текот на денешниот ден, Арсовски одговори дека немаат информација дали има покана за учество, бидејќи се подготвувале за рочиште.

„Но во однос на преговорите можам уште еднаш да напоменам дека сето она што сака да го направи во моментов СДСМ е само една фарса да донесе закон кој што ќе биде во нивна корист односно да го заштити целокупниот криминал кој што моментално го прават. За сите нови детали, нови чекори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидете известени или во текот на денот или утредента“, истакна Арсовски.