МОК отвори устрага против 28 руски спортисти

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) покрена дисциплинска постапка против 28 руски спортисти чии примероци на урина најверојатно биле заменети на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година.

МОК денес соопшти дека отвори истраги врз основа на доказите кои овој месец ги објави истражителот од Светската антидопинг агенција (WADA) Ричард Мекларен.

Мекларен тврди дека руската влада финансирала и прикривала допинг тестови, вклучувајќи и замена на спорните примероци со чисти примероци на урина во лабораторијата во Сочи.

МОК наведува дека дваесет и осум случаи не се позитивни допинг тестови, но дека се работи за „манипулација со примероци која би можела да доведе до кршење на правилата на WADA и до казни“.

Имињата на вмешаните спортисти не се објавуваат од, како што се додава, правни причини.