Молитва за жртвите од падот на рускиот авион

Папата Фрањо ја предводеше денес тивката молитва на илјадници верници за жртвите од авионската несреќа и му упати сочувство на рускиот народ.

Обраќајќи им се на насобраните на Плоштадот св. Петар на вториот ден на Божик, папата изрази „силно сочувство“ на рускиот народ и на луѓето кои во авионската несреќа ги загубија своите сакани.

Тој потсети дека меѓу жртвите има и членови на рускиот воен хор кој настапи во Ватикан во 2004 година пред папата Јован Павле II.

Папата, исто така, упати молитви за стотиците спасувачи кои трагаат по жртвите и остатоците од авионот кој се сруши вчераутро во Црно море, недалеку од Сочи.

Ниту еден од 92 патници и членови на екипажот не преживеа, а меѓу настраданите се и 64 членови на прочуениот Ансамбл „Александров“ и девет новинари.