МОСТ објави „нерешен резултат“ на избори со многу нерегуларности

Граѓанската асоцијација МОСТ објави дека според податоците добиени од ПВТ програмата, паралелно пребројување на гласовите, која претставува математичко-статистичка научна метода, одзивот на гласачите по изборни единици е: ИЕ 1 – 73,85%, ИЕ 2 – 66,00%, ИЕ 3 – 73,00%, ИЕ 4 – 75,33%, ИЕ 5 – 63,62% и ИЕ 6 – 51,38%.

МОСТ ја повика изборната администрација да ги истражи сите забележани нерегуларности и да постапи по сите примени приговори, како би се почитувала изразената волја на гласачите и апелираше до јавноста на трпение се додека ДИК не ги објави првичните резултати од изборите.

МОСТ ги обработи податоците од сите избирачки места на кои беа распоредени набљудувачи.

Што се однесува до резултатите од изборите, поради маргината на грешка која ПВТ примерокот ја продуцира, МОСТ не е во можност да ја проектира распределбата на мандати по изборни единици.

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше денешното гласање со повеќе од 3.000 набљудувачи. На гласачките места беа распоредени 2.664 набљудувачи кои покрија околу 55% од гласачките места во Република Македонија.