„Крајно време е да се знае кои се новинари, а кои се натрапници во професијата и рекетари“, порачаа новинарките на „Фокус“ Ирена Мулачка и Валентина Вурмо, по денешното рочиште против сопственикот на „Доказ М“, Марјан Стаменковски, кој е обвинет за повеќе кривични дела.
Јавноста ќе биде исклучена од почетокот до крајот на главната расправа, бидејќи на неа ќе се изнесуваат лични детали од животот на оштетените.
Во судницата се појавија шестмина оштетени сведоци, меѓу кои и двете новинарки на „Фокус“.
„Очекувам правдата да биде задоволена, обвинетиот да се најде онаму каде му е местото и еднаш засекогаш да се знае кој е новинар, а кој е рекетар“, рече Мулачка по завршувањето на рочиштето.
Вурмо, пак, изјави дека бројот на оштетни ги надминува луѓето што денес беа присутни во судот.
„Од предметот очекувам конечно да се издвоиме кои се професионални новинари, а кои натрапници во професијата. Поголеми очекувања имам од вториот предмет на обвинителството за Стаменковски. Верувам дека ќе се дознае кои биле нарачателите и посредниците, односно кои плаќале за да се објавуваат лажни текстови. Се надевам дека и тие ќе се најдат на обвинителна клупа“, рече Вурмо.
(Извор/Фото: „Фокус“)