Мјузикл за животот и песните на Тина Тарнер

Се подготвува мјузикл за животот и песните на музичката легенда Тина Тарнер, соопшти продуцентската куќа Стејџ ентертејнмент.

Компанијата наведува дека мјузиклот се базира на животната приказна на Тина Тарнер според делото на Катори Хол, писател кој напиша драма за борбите за граѓански права во САД.

Во подготовките се вклучени и режисерката Филид Лојд, кореографот Антони ван Ласт и дизајнерот Марк Томсон, сите кои работеа на хит мјузиклот за групата Аба, со наслов „Мама миа“.

Тина Тарнер вчера присуствуваше на работилница во Лондон за таа претстава која се подготвува една година.

Седумдесет и седумгодишната пеачка во соопштението рече дека било „прекрасно да се соработува со Катори и Филид, и е многу возбудливо тоа што мојата приказна ја обработува толку извонредна и креативна екипа“.

Продукциската куќа не ги најави датумите за претставата, ниту местото каде што таа ќе се прикажува.