Надбискуп Галагер: Папата нема да се сретне со Помпео – несоодветно е пред изборите во САД

Папата Франциск нема да се сретне со американскиот државен секретар Мајк Помпео, изјави денеска секретарот на Светата столица за односи со државите, надбискупот Пол Ричард Галагер. Тој денеска ја обвини администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да го искористи папата Франциск со тоа што организира симпозиум за верските слободи за време на посетата на Помпео на Рим .

Галагер потврдно и одговори на агенцијата Анса дали организацијата на симпозиум за верски слободи во американската Амбасада во Ватикан претставува експлоатација на папата во последната фаза од претседателската кампања на САД.

-Да, токму затоа папата нема да се сретне со американскиот државен секретар Мајк Помпео, рече Галагер.

За време на денешната посета на Рим, Помпео разговараше со италијанскиот премиер Џузепе Конте и ќе се сретне и со шефот на дипломатијата Луиџи ди Мајо, како и со државниот секретар на Ватикан Пјетро Паролино, но не и со папата Франциск.

Неименувани извори од Ватикан наведуваат дека таква една средба со толку висок функционер во администрацијата на Трамп е несоодветен заради близината на изборите во САД.