Напад на џамија во Франција, двајца ранети

Француската полиција соопшти денеска дека уапсила маж на возраст од 84 години осомничен дека пукал кај џамијата во местото Бајон на југозападот на Франција и во таа прилика повредил две лица.

Инцидентот се случил околу 14 часот, а мажот што го предизвика е уапсен недалеку од куќата во која живее, пренесува Ројтерс.

Како што се наведува, во неговиот автомобил се пронајдени канистер со бензин и оружја.

Британски „Телеграф“ пренесува дека близу местото на настанот имало и мала експлозија.

За сега не се знае зошто осомничениот отворил оган.

Уапсениот осумдесет и четиригодишен напаѓач е близок на крајната десница, пренесуваат медиумите повикувајќи се на извори од полицијата и напоменуваат дека бил кандидат на партијата Национален собир на Мари Ле Пен во 2018 година. Оваа партија, меѓутоа, го осуди денешниот напад наведувајќи дека ова било против вредностите за кои тие се залагаат.