Напнатоста на максимум: Кина почна воени вежби, Тајван во состојба на готовност

LinkSense.mk

Кинеската војска започна воени вежби кои вклучуваат боево гаѓање во водите и во воздушниот простор околу островот Тајван, објави денеска кинеската државна телевизија.

Предвидено е вежбите да завршат во недела напладне, се наведува во извештајот на државната телевизија.

Во исто време, тајванското Министерство за одбрана соопшти дека војската на Тајван ќе продолжи да го зголемува нивото на подготвеност и соодветно ќе реагира на, како што велат, „непријателската ситуација“.

Кина спроведува воени вежби во зоната околу Тајван неколку дена оваа недела, како одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Војската на Тајван внимателно ја следи „непријателската ситуација“ во Тајванскиот теснец и во близина на тајванските острови, а сите нејзини сили спроведуваат дневна обука како и обично, се додава во соопштението на тајванското Министерство за одбрана.

Властите во Тајпеј рано утринава објавија дека се сомневаат дека над тајванските острови летале дронови и дека веб-страницата на Министерството за одбрана на Тајван била хакирана, еден ден по посетата на Пелоси.

Кина започнува серија воени вежби околу Тајван како одговор на посетата на Пелоси, а некои од нив ќе се одржат внатре во морската и воздушната територија на островот, наведува Министерството за одбрана во Тајпеј.

Ова никогаш порано не се случило, а висок функционер на министерството го опиша потенцијалниот потег како „рамен на морска и воздушна блокада на Тајван“.

Кина, која го смета Тајван за нејзина територија, потенцираше денеска дека нејзините спорови со островот се внатрешно прашање.

Нашето казнување на заговорниците за независност на Тајван е разумно и законско“, објави кинеската канцеларија за прашања за Тајван.

Кинеската новинска агенција Ксинхуа објави дека вежбите, кои вклучуваат вежби со боево гаѓање, ќе се одржат во шест подрачја околу Тајван.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)