Направен договор за набавка на француски систем за против-воздушна одбрана

LinkSense.mk

Соработката помеѓу Македонија и Франција, две земји сојузнички во НАТО, добива нов интензитет, особено по усогласувањето на новиот Договор за соработка кој неодамна во Париз го потпишаа министерката Славјанка Петровска и нејзиниот француски колега, министерот Себастијан Лекорну.

Денеска во министерството за одбрана, како продолжение на воспоставената соработка, започна првиот стратешки дијалог меѓу двете држави.

Целта на дијалогот е зајакнување на билатералната одбранбена соработка во заедничките обуки, мисии, во едукацијата и взаемната поддршка во исполнувањето на НАТО целите.

Француската делегација предводена од вицеадмиралот Кристоф Лукас, заменик генерален директор за меѓународни односи и стратегија во француското Министерство за одбрана, имаше средба со министерката за одбрана Петровска, на која беше изразено задоволство од воспоставувањето на стратешкиот дијалог во одбраната меѓу двете земји, како најдобар доказ за взаемната одлучност договорената соработка ефективно да се спроведе во пракса.

„Ова е почеток на нов период на соработка во одбраната меѓу Северна Македонија и Франција. Франција е наш значаен сојузник кој го поддржа членството на Северна Македонија во НАТО и ја дава својата поддршка за европската интеграција на земјата. Северна Македонија како членка на НАТО денеска придонесува за мирот и безбедноста на Балканот. Започнуваме стратешки дијалог кој ќе ја продлабочи соработката во одбраната со нашиот сојузник Франција  со кој ги делиме истите вредности“, рече Петровска.

Вицеадмиралот Лукас изрази задоволство од успешниот почеток на стратешкиот дијалог и го потенцираше знаењето на Македонија како сојузник во Алијансата кој дава активен придонес кон мирот и безбедноста.

На средбата беше истакнато дека Алијансата е обединета во осудата на руската инвазија врз Украина и во определбата НАТО да проектира стабилност, додека истовремено се зацврстува колективната безбедност.

Набавката на интегрираниот систем за против-воздушна одбрана за што беше потпишан договор помеѓу Македонија и Франција е уште еден силен сигнал дека двете земји соработуваат на највисоко ниво и дека македонската Армија интензивно се модернизира со најсофистицирана опрема.