Народна банка ќе ги „чешла“ портфолио-инвестициите

Народната банка од овој месец почнува со подетални прегледи со податоци за состојбата на вложувања на резидентите во странски хартии од вредност. Тоа е во насока на подобрување и проширување на статистичките податоци и нивно усогласување со меѓународните статистички стандарди. 

Од Народната банка во соопштение наведуваат дека во досегашните статистички прегледи за портфолио-инвестициите на нашите резиденти во странство беа опфатени неколку димензии на вкупните, сопственичките и должничките хартии од вредност – приказ врз основа на земјата во која се инвестира, врз основа на оригиналната валута (за вкупните вложувања), врз основа на секторот на домашниот инвеститор, како и врз основа на рочната структура на должничките хартии од вредност.