НАТО-вежба во Охридско-струшкиот регион

Во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и македонскиот Центар за управување со кризи, на подрачјето на Охрид и Струга од денеска до 24 овој месец ќе се одржи вежбата „Северна Македонија 2021“.

Станува збор за сценарио за справување со последици од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата.

Главни цели на вежбата ќе бидат тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, проверка на подготвеноста на Напреден систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар што во реално време ќе може да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво (NICS) и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи.

Во Македонија првпат се одржува хибридна вежба, со теренски и командно-штабни активности, но и симпозиум со теми од областите на цивилно-воената соработка во кризни ситуации и улогата на армијата во случај на криза.

Во случајов се работи за цивилна, а не воена вежба.

На настанот ќе учествуваат претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и неколку меѓународни организации.

Вежбата ќе им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите да разработуваат и увежбуваат активности за потрага и спасување во урбана средина, но и на вода и во планина, потоа вежби на медицински тимови за итни случаи, но и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси, како и активности поврзани со дезинформации.