НАТО тендерите стануваат достапни и за македонските фирми

Македонски компании од утре ќе може да учествуваат на јавните тендери на НАТО со годишен буџет од околу пет милиjaрди евра, информираат од Министерството за финансии.

Измените на Законот за јавни набавки за одбраната и безбедноста, со кои се овозможува ова, се објавени во Службен весник.

Во Законот се утврдени процедурите и постапките согласно кои фирмите ќе можат да учествуваат на јавните набавки за потребите на Алијансата.

Со овој закон се уредува и начинот на проверка и потврдување на исполнетоста на условите за учество на економските оператори регистрирани во Македонија.

Економските оператори кои сакаат да учествуваат на тендерите се евидентираат во евиденција на економски оператори што ја води Министерството за одбрана.

„Членството во НАТО треба да делува како катализатор на економскиот раст. Со подобрување на состојбата со пандемијата предизвикана од корона вирусот се очекува и поголем раст на странски инвестиции. Во примерот на Бугарија, странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во Алијансата, се скоро три пати повисоки, односно од седум проценти на 19,8 проценти од БДП. Во Албанија тие се двојно поголеми, или од пет на девет отсто од БДП. И Романија, исто
така, има висок раст, од 2,8 проценти на 7,2 процента, додека кај Чешка растот е од 3,2 на 7,7 проценти“, се наведува во денешното соопштение на Министерството за финансии.

Според Министерството, во земјите кои кон воениот сојуз пристапиле во 2004 година, просечниот раст на извозот се зголемил од 6,8 проценти во периодот пред зачленувањето на 11,8 проценти по пристапувањето.