Нафтата „брент“ падна под 85 долари, најниско во последните осум месеци

LinkSense.mk

Цените на нафтата денеска продолжија да паѓаат, втор ден по ред, поради стравувањата од намалена побарувачка за гориво поради очекуваната глобална рецесија предизвикана од растот на светските каматни стапки и зајакнувањето на американскиот долар, што ја ограничува способноста на потрошувачите кои поседуваат други валути да купуваат нафта.

Европската нафта „брент“ за испорака во ноември поевтини за 1,24 долари или 1,44 отсто, на 84,91 долар за барел.

Американската сурова нафта „ВТИ“ (WTI), исто така за испорака во ноември, падна за 1,32 долари или 1,68 отсто, на 77,42 долари за барел.

Цените на двата вида нафта во петокот потонаа за околу 5,0 отсто, на најниското ниво од јануари оваа година.

Растот на доларот, кој денеска достигна ново 20-годишно највисоко ниво во однос на кошницата на главни валути, има тенденција да ја намали побарувачката за нафта бидејќи купувачите кои користат други валути треба да трошат повеќе за да платат за „црното злато“ со кое се тргува во САД во долари.

Централните банки во многу земји, вклучително и во Соединетите Американски Држави, еден од најголемите светски потрошувачи на сурова нафта, минатата недела ги зголемија референтните каматни стапки за да ја спречат зголемената инфлација, што доведе до загриженост на пазарите дека заострувањето на условите за задолжување може да предизвика економска стагнација.

Вниманието на берзанските инвеститори сега е насочено кон тоа што може да направат Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници предводени од Русија, односно сојузот ОПЕК +, на состанокот на 5 октомври, откако на нивниот последен состанок се согласија на скромни намалувања на производството.

Бидејќи ОПЕК+ произведува далеку под целното производство, секое новонајавено намалување на производството можеби нема да има големо влијание врз понудата, проценуваат аналитичарите.

Податоците објавени минатата недела покажаа дека групата ОПЕК+ во август не го достигнала планираното ниво на производство, 3,58 милиони барели дневно, што е поголем минус отколку јули.