Нафтата ја завршува неделата со раст на цената

Цените на нафтата ја завршуваат оваа трговска недела со добивка, што се должи на падот на американските залихи од рекордното ниво, но и од охрабрувачката вест што проструи на пазарот – дека Саудиска Арабија е подготвена да продолжи со намалување на производството и во втората половина од годината.

Цената на нафтените фјучерси зајакна денеска во Њујорк за 0,5 отсто, а целата оваа недела е забележан пораст од 1,0 отсто.

Американската „лесна“ нафта за испорака во април беше тргувана за 48,98 долари за барел на трговската берза во Њујорк во 12.54 часот по лондонско време, што е зголемување за 23 центи во однос на вчерашниот ден.

Вкупниот обем на тргувањето беше околу 32 отсто под стодневниот просек.

Цената на оваа врста нафта вчера паднаа за 11 центи, на 48,75 долари, после скокот од 2,4 отсто во претходната трговска сесија.

Северноморската сурова нафта „брент“ за достава во мај зајакна за 23 центи, на 51,97 долари за барел на ИЦЕ (ICE) европската берза на фјучерси во Лондон. Цената на „брент“ вчера ослабе за седум центи, на 51,74 долари.

Американските залихи на суровата нафта паднаа минатата недела за 237.000 барели, на 528,2 милиони барели. Сепак, тие се и понатаму близу највисокото ниво во повеќе од три децении.

Производството на нафта во САД е зголемено четврта недела по ред на 9,1 милиони барели дневно, што е највисоко од февруари лани.

Министерот за енергетика на Саудиска Арабија, калид Ал-Фалих изјави дека Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери би можеле да продолжат со кратење на производството и после јуни ако глобалните залихи и понатаму бидат над петгодишниот просек, пренесе „Блумберг“.