Спасувачките екипи утринава ја пронајдоа првата црна кутија од рускиот воен авион кој викендов се сруши во Црно море.
Кутијата е најдена на околу 1,6 километри од брегот, на длабочина од 17 метри и во најскоро време ќе биде однесена во Москва на дешифрирање.
Авионот „Тупољев Ту-154“ со 92 патници и членови на екипажот, меѓу кои беа и 64 членови на воениот хор „Александров“ новинари и познатата хуманитарна работничка Елисавета Глинка, се сружи во неделата непосредно по
полетувањето од аеродромот во Сочи.
Како што претходно беше соопштено, авионот тргна кон воздухопловната база Хмејмим во близина на градот Латакија во Сирија, што беше користена при бомбардирањето на утврдувањата на сириските бунтовници.
До сега се пронајдени телата на 12 патници и се извлечени 156 делови од авионот.
Во тек е истрага за утврдување на причините што довеле до несреќата.
Надлежните веднаш ја исклучија можноста дека станува збор за терористички напад.
Како можни причини за падот на авионот на руското воено воздухопловство се наведуваат упад на страно тело во моторот на авионот, грешка на пилотот и техничка неисправност.
За сите околности во врска со трагедијата ќе се знае повеќе откако ќе бидат пронајдени сите црни кутии.