Најмалку шест жртви и повеќе од 100 повредени во невреме во Виетнам

Најмалку шест лица загинаа, а над 100 се повредени откако тропската бура Ноул го погоди централното крајбрежје на Виетнам, јавија денеска локалните државни медиуми.

Невремето прво ги зафати популарните туристички градови Хуе и Да Нанг во петокот.

Ноул почна да слабее со навлегување на копното, но сепак донел ветрови со брзина до 90 километри на час.

Најмалку 112 се повредени во невремето, кое предизвика и прекин на електрична енергија во многу централни провинции.

Невремето собори над 10.000 дрвја.

Централен Виетнам редовно го зафаќаат тропски бури за време на сезоната на бури, која трае од јуни до ноември секоја година.

Во 2019 година, во Виетнам починаа 133 лица во природни катастрофи, вклучувајќи невреме, поплави и лизгања на земјиште.