Најмалку 10 цркви во Канада запалени заради злосторствата врз деца од автохтоното населние

– Најмалку 10 цркви биле запалени во канадската провинција Алберта, а полицијата инцидентите ги поврзува со гневот на граѓаните заради историската неправда врз автохтоното население.

Црквите во градот Калгари се обоени во портокалова и црвена боја, соопштија истражителите.

Премиерот на Алберта, Џејсон Кени кажа дека нападите се „застрашувачки“.

Полицијата во Калгари соопшти дека инцидентите се случиле некаде помеѓу средата вечерта и четвртокот наутро и дека „сите локации биле дел од христијанската религија“, пренесува Би-Би-Си.

Ова следува откако беа откриени стотици необележани гробови на местата на некогашни училишта во Канада. Овие училишта финансирани од владата биле водени од верски групи во 19. и 20. век и имале за цел да ја асимилираат домородната младина. Домородните групи повикаа да се спроведе национална потрага по нови гробови.

Прво во мај беа откриени останките на 215 деца на местото на училиште што работело од 1890 до 1978 година, а минатата недела беше објавено дека се пронајдени уште 751 необележан гроб во поранешно училиште во Саскачеван.

Меѓу 1863 и 1998 година, повеќе од 150.000 домородни деца биле присилно земени од нивните семејства, сместувани и индокринирани во вакви училишта низ Канада. Комисија основана во 2008 година утврдила дека голем број од овие деца никогаш не се вратиле во своите заедници.

Канадската автохтона заедница вчера соопшти дека 182 необележани гробници се пронајдени под друг поранешен интернат, трет по ред. Гробовите се пронајдени под училиштето „Мисијата на Св.Евгениј“, што било управувано од Католичката црква од 1912 до раните 1970-ти .

Овие остатоци се откриени откако стотици необележани гробници, за кои се верува дека содржат остатоци од автохтони  деца, беа пронајдени на местото на два поранешни интернати во Канада, по што многу членови на автохтониот народ Првите нации, повикаа на запирање на прославата на Денот на Канада.