Најмногу милионери во Европа има во Германија

LinkSense.mk

Германците имаат најголемо лично богатство во Европа, покажува швајцарската студија објавена денес. Личното богатство на Германците се проценува на околу 16,4 трилиони евра, а втора на листата е Франција со 12,6 трилиони евра. Велика Британија и Италија имаат по 10 трилиони, според „тинк-тенк“ организацијата РФС (Redesigning Financial Services) од Цирих.

Расте јазот меѓу богатите и сиромашните

Личното богатство во овие земји се зголеми во 2020 година, во првата година од пандемијата, и покрај падот на БДП.

Со студијата се опфатени 16 земји од Европската унија и Швајцарија. Додека БДП падна за 6,4 отсто во 2020 година, личното богатство порасна за 3,9 отсто на рекордни 69 трилиони долари во историјата.

Ова покажува дека јазот во богатството меѓу богатите и сиромашните расте, а авторите на студијата велат дека тоа е тренд кој ќе продолжи.

Според Европскиот извештај за богатство, Германија има најмногу милионери, 2,9 милиони, а Велика Британија и Франција по 2,5 милиони. Швајцарија пропорционално според бројот на жители има најголем број милионери. Дури 14,1 отсто од Швајцарците се милионери.