На Британија и се заканува најдолгата рецесија во историјата

LinkSense.mk

Каматните стапки во Обединетото Кралство се зголемија од 2,25 отсто на дури 3 отсто, што е најголем скок од 1989 година до сега.

Трошоците на заемите со овој потег се искачија на највисоко ниво од кризата во 2008 година, кога банкарскиот систем во Велика Британија се соочи со целосен колапс.

Но, ова рекордно зголемување на каматите започна уште во декември, кога трошоците за живот во Велика Британија почнаа брзо да растат и на многу домаќинства во таа земја им беше тешко да ги покријат основните трошоци.

Рецесијата се дефинира како најмалку два периоди од по три месеци во кои економијата на една земја е во пад.

Во периодот на рецесија, типично е компаниите да заработуваат помалку, што се одразува и на платите кои се намалуваат, а следствено на тоа се зголемува и невработеноста.

Банката на Англија сега верува дека Обединетото Кралство во рецесија почнало да влегува летово и предвидува дека тоа ќе продолжи во текот на оваа година и првата половина на 2024 година, кога треба да се одржат општите избори.

Иако ова не е најголем пад на економијата во Велика Британија, тоа би можело да биде најдолго од 1920-тите, кога рецесијата го погоди светот.

Министерот за финансии, Џереми Хант, вели дека „инфлацијата има големо влијание врз семејствата, пензионерите и компаниите, така што приоритет на владата е да ја ублажи што е можно повеќе“.

„Каматните стапки растат насекаде низ светот, додека земјите се обидуваат да се фатат во костец со цените кои поради пандемијата и руската инвазија на Украина почнаа драстично да растат“, рече Хант.

Зголемувањето на животните трошоци е највисоко во последните 40 години, а цените од септември досега се зголемени за 10,1 отсто.

Банката на Англија верува дека зголемувањето на каматите ќе ги поттикне луѓето да штедат и да земаат помалку кредити, што ќе го намали притисокот врз цените.

Иако растот на каматите ќе биде поволна околност за штедачите, оние со хипотеки, заеми и долг на кредитни картички сигурно ќе ги почувствуваат негативните последици од овој потег, пишува Би-Би-Си. Нивните трошоци би можеле да се зголемат и за 3.000 фунти годишно.