На Заев ќе му се суди за „Поткуп“

LinkSense.mk

Премиерот Зоран Заев денеска во судот рече дека не се чувствува виновен за случајот „Поткуп“.  На судиите им порача дека ќе докаже како „Поткуп“ е полициско-обвинителска местенка од периодот кога од позиција прв опозиционер најавувал бомби за претходната власт.

По две години и околу десетина одложувања, денеска почна процесот за наводното мито од 164 илјади евра кои Заев ги барал од струмичкиот бизнисмен Иван Николов за да му среди приватизација на земјиште.

„Ќе го разобличиме целото обвинение преку кое ќе докажеме која била конечната цел за да вака се подготви еден ваков процес во време кога Заев го води проектот „Вистината за Македонија“ со политилчките бомби и како е тоа конструирано се со конечна цел на секој можен начин Заев да биде спречен зошто постоеше сериозна решителност граѓаните да го знаат, за разобличување на криминалното владеење на режимот“, рече Зоран Заев.

Обвинителката Валентина Бислимовска, остана на старото обвинение дека Заев со умисла побарал подарок од бизнисменот.

„Во 2013 како градоначалник со умисла се обидел од Николов да прибави пари, побарал подарок за да изврши службено дејствие кое не смеел. Остварил повеќе средби со оштетениот.

„Му рекол да ги почне постапките во општината, му побарал подарок 2 евра по метар квадратен, од вкупно 81962 метри квадратни, едно евро по метар квадратен  бара за себе, а едно за наводна градба на црква во Струмица. “, се вели во соопштението на Обвинителство за организиран криминал.

Снимката која беше пуштена преку анонимен корисник на Јутјуб каналот се уште е достапна. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја презела и објавила на официјалниот канал.

Премиерот Зоран Заев тврди дека воопшто немало поткуп, бидејќи бизнисменот не му платил ниту евро, а снимката била сечена и монтирана.