На Самитот на Г-7: Макрон и Џонсон се скараа заради кобасици

Официјален Лондон ги замоли членките на Европската унија за малку почитување после острите зборови на тема – кобасици, кои ги размениле францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон, на Самитот на Г-7, во врска со границата со Северна Ирска.

Џонсон на Самитот во Корнвил, на кој е домаќин, се пожали на актуелните прописи со кои се оневозможува испораката на кобасици од источниот дел на Велика Британија во Северна Ирска.

„Тоа би било исто како во Париз да ја забраните продажбата на познатите кобасици од Тулуз“, рекол Џонсон, пренесуваат дневните весници „Тајмс“ и „Телеграф“.

Макрон ја одбил таквата споредба велејќи му на Џонсон дека „Париз и Тулуз се дел од иста држава“, се наведува во текстовите.

И покрај напнатоста која, после Брегзит, расте во Северна Ирска, британската влада и Европската унија во средата, минатата седмица, не постигнаа никакво придвижување во врска со трговските одредби кои се закануваат во таа држава.

Договорот на големите сили на Самитот во Корнвил го отежнаа разликите во стојалиштата меѓу Лондон и Унијата за трговските контроли наметнати меѓу Велика Британија и Северна Ирска. Тие контроли ја пореметија трговската размена и ги разлутија унионистите, кои се залагаат за опстанок на Северна Ирска во рамки на Обединетото Кралство.

После низа разговори во саботата со францускиот претседател Емануел Макрон, со германската канцеларка Ангела Меркел и со челниците на Европската унија, Урсула вон дер Лајен и Чарлс Мишел, Борис Џонсон предупреди дека Британија ќе направи „се што треба“ за да го заштити својот територијален интегритет во трговскиот спор со ЕУ, и се закани со донесување на вонредни мерки ако не се најде некое решение.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб критикуваше „многу високи функционери на Европската унија кои за Северна Ирска зборуваат како да станува збор за земја одвоена од Велика Британија“, што е според него „не само навредлови туку има и конкретно влијание на заедницата“, пишува Ројтерс.

„Замислете само што би се случило кога така би разговарале за Каталонија, фламанскиот дел на Белгија, за германските сојузни држави, за северот на Италија и француската Корзика, сметајќи ги за различни земји. Ве молам за малку почитување“, изјавил Рааб.

Мерките усвоени за Северна Ирска би требало да овозможат за „зачувување“ на мирот во таа земја, така што ќе се настојува да се одбегне враќањето на „тврда граница“ со соседната Ирска, членка на ЕУ. Мерките во почетокот на април предизвикаа бројни политички превирања, дури и насилни судири.

Француски дипломатски извор ја обвини владата на британскиот премиер Борис Џонсон дека ги користи несогласувањата кои се однесуваат на северноирската трговија за да го одврати вниманието од клучните прашања на Самитот на Г-7.

„Тоа, едноставно е дистракција“, рекол дипломатот и додал дека Макрон со остар тон му се обратил на Џонсон, велејќи му: „Немојте да ми кажете дека не сте знаеле што потпишувате кога во декември го ставивте својот потпис на договорот за Брегзит“.

(Фото: ЕПА)