Според најновите информации на руското Министерство за одбрана, во авионот којшто се сруши во Црно море имало 92 патници и шленови на екипажот, меѓу кои 64 члена на воениот хор на руските вооружени сили „Ансамблот Александров“.
Министерството претходно соопшти дека во авионот биле 93 лица и дека никој не го преживеал падот.
Меѓутоа, утврдено е дека дваесет и деветгодишниот Роман Валутов, пеач во хорот на руската армија, којшто беше прогласен мртов, не се качил на летот за Сирија затоа што во јули му бил истечен пасошот.
„Ја поминував пасошката контрола и девојката што работеше на проверка на патните исправи ми рече: Дали се шегувате? Вашиот пасош истекол уште во јули“, изјави Валутов.
Тој додаде дека загрижено чекал да му биде одговорено дали ќе може патува или не, но дека добил негативен одговор.
„Бев нервозен за грешката со мојот пасош и си заминав дома. Стасав околу 3.30 часот утрината и после тоа почнаа да ми звонат пријатели да прашаат дали сум жив. Погледав и го пронајдов моето име на списокот на загинати. Плачев. Моите пријатели и роднини се вчудоневидени“, вели Валутов.
Во авионот не се качил ниту солистот Вадим Анањев, чија сопруга тој ден се породила и побарала од него да остане дома да и помогне.
„Се чуствувам како да ме удрил некој во глава. И понатака не можам да верувам. Ми велат сега дека сум роден под среќна ѕвезда“, рече Анањев.
Меѓу настраданите членови на рускиот хор се и Ралина Гилманова (22) и нејзиниот вереник Михаил, како и танчерите Олег и Екатерина Корзанов, кои имаат тригодишен син.
Пеачот Александар Шутко (30) објавил фотографија на интернет неколку минути пред да се сруши авионот во Црно море.
Неговата сестра Ема вели дека ја повикал и и рекол дека ќе се јави подоцна.
„Но не не повика.Се обидовме да го контактираме, но беше надвор од мрежното покривање“, рече таа.
Руското министерство за одбрана претходно ја објави листата на патници и наведе дека во леталото имало 65
членови на официјалниот хор на руските вооружени сили „Ансамблот Александров“ кои тргнале во руската база Хмеим, каде требало да учествуваат на прославата на Нова година, како и извршната директорка на хуманитарниот фонд „Чесна помош“, Елисавета Глинка.
Спасувачките екипи ги лоцираа остатоците од авионот на околу 1,5 километри од брегот, на длабочина од 50 до 70 метри.
Авионот исчезна од радарите во пет часот и 40 минути по московско време малку после полетувањето од Сочи.
Рускиот претседател Владимир Путин го прогласи понеделник за ден на жалост на ниво на целата земја.