Неделава пристигнуваат првите 250 фингерпринт апарати за локалните избори

Неделава треба да пристигнат првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври. Како што најави претседателот на ДИК Александар Даштевски во неодамнешното интервју за МИА, фингерпринт апаратите треба да бидат во земјава на 25 август.

Германската компанија „Дермалог“ со која ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра, покрај испорака на терминалите за читање отпечатоци од прсти, ќе се грижи и за системот за нивно функционирање, како и за одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Меѓу другото, вработени од компанијата „Дермалог“ треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.

Во меѓувреме, се интензивираат подготовките за локалните избори, а на 21 август почна и увидот во Избирачкиот список, што ќе трае до 9 септември.

Граѓаните своите податоци во Избирачкиот список можат да ги проверат преку веб-страната на ДИК – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/, или во нивните канцеларии и подрачни единици.

До 9 септември граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.

Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.

Од 16 август започна и собирањето потписи за независни листи во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија. До крајот на минатата недела се собрани потписи за четири независни кандидатски листи, а рокот истекува на 30 август во 24 часот.

Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот.

Партиите веќе почна да ги објавуваат кандидатите за градоначалници и носители на советничките листи.

Владејачката СДСМ и коалицијата најавија дека најдоцна до 24 август (вторник) ќе објават дел од кандидатите за градоначалници.

ВМРО-ДПМНЕ во петокот ги објави имињата на уште 19 кандидати за градоначалници, а најави и соработка на локалните избори со Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Кандидатските листи за локалните избори треба да бидат поднесени до Општинските изборни комисии најдоцна до 11 септември на полноќ, а треба да бидат потврдени најдоцна до 18 септември од ОИК и огласени.

Иборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.

Изборите, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одржи 30 октомври.