Неповратни грантови за отворање мали бизниси

Сите невработени лица имаат можност да аплицираат за грант за самовработување преку отворање сопствен бизнис во висина од 4.000 евра. Огласот е отворен до 2 март годинава.

Со оперативниот план за 2017 година со програмата за самовработување ќе бидат опфатени 1.050 невработени лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување, активни баратели на работа, во 1.000 новоотворени микрокомпании.

За годинава за реализирање на мерката се предвидени вкупно 283 милиони денари.

Програмата за самовработување вклучува обука за претприемаштво, помош при развивање одржлив бизнис-план и регистрирање дејност, неповратни грантови во форма на опрема и материјали и менторство за време на почнување на бизнисот.

Програмата поттикнува и создавање рамномерна дистрибуција на економските субјекти во земјава, Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика

Од 2007 до 2016 година преку програмата основани се 8.730 фирми во кои се вработени 8.969 лица.

Годинава грантот е за илјада евра поголем во однос на изминатите години.

Заинтересираните ќе можат да аплицираат за обука за пополнување на прашалниците и потоа да ги пополнат. Врз основа на тоа ќе добијат ваучер и еден експерт за изработка на бизнис-план. Потоа бизнис-планот ќе биде оценуван од експерти и доколку биде проценето дека е одржлив ќе добијат грант за отворање мал бизнис.

Новина е и тоа дека може да се аплицира и за дополнително работно место во компанијата за што фирмите ќе добиваат плус 92 илјади денари, но за тоа ќе се одлучува во октомври годинава.