Не се почитува договорената откупна цена на пролетната зелка во Струмичко

Раноградинари од струмичкото село Куклиш реагираат дека не се почитува договорената откупна цена на пролетната зелка во Струмичко, која вчера почнала да се откупува по десет денари за килограм, иако на почетокот на минатата недела беше договорено откупната цена да изнесува 15 денари до 20 април.

– Поголем дел од нашите производи се извезуваат директно од откупните центри, а повеќето од нив не ја сообираат пролетната зелка, додека дел од нив ја откупуваат за 10 денари по килограм што е за пет денари помалку од договорената цена од Министерството за земјоделство, која требаше да биде применувана до 20 април. Ние го повикуваме министерот и заменикминистерот да преземат мерки во најбрз можен период, стои во јавното обраќање на раноградинарите од село Куклиш.

Откупувачи, со кои разговаравме, потврдија дека од вчера пролетната зелка се откупува за десет денари за килограм. Според нив, тоа се должи на намалената побарувачка од пазарите каде се извезува зелката, но и на неединството на откупувачите.

-Реално е трговци кои купуваат од нас да бараат пониски цени, бидејќи факт е дека побарувачката за пролетната зелка од ден на ден е се помала.

Но, мора да се истакне дека откупувачите не се единствени во понудата кон странските пазари и не се придржуваат на договорената цена од 15 денари за килограм. Кога некој од станство ќе побара зелка и понудата од сите ќе биде 15 денари, тогаш нема да бара поевтина цена, туку ќе мора да купи по договорената цена, ни рекоа повеќе откупувачи од Струмичко.

Инаку, откупната цена од 15 денари за килограм пролетна зелка беше договорена минатиот вторник на средба на отупувачите и министерот за земјоделство во Скопје.