Нова книга – „Затвор и рецидивизам“

LinkSense.mk

Во книгата „Затвор и рецидивизам“, Александра Груевска-Дракулевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје го анализира рецидивизмот како еден од најсложените, најзначајните и најтешките проблеми за спречување, сузбивање и превенирање во областа на криминолошката, казненоправната, пенолошката и криминално-политичката наука и практиката, и го доведува во релација со најчесто изрекуваната казна – казната затвор.

Авторот нуди голема теоретска и емпириска аргументација дека затворот како казна и нејзиното извршување во казнено-поправните установи какви што се денес, не го спречува рецидивизмот, има негативно искуство не само врз затворениците, туку и врз нивните семејства, па така затворите треба да имаат многу лимитирана улога во модерното општество.

Книгата, што е во издание Центар за регионални истражувања и соработка „Студиорум“, обилува со голем број на компаративни прегледи за затворот и рецидивизмот во повеќе земји во светот, со што и се дава исклучително значење на оваа проблематика.

„Затвор и рецидивизам“ ќе му биде од корист на секој оној кој сака да се стекне со продлабочени информации и знаења од разработената тематика, пред сѐ на органите на казнениот прогон, и тоа, сите оние што учествуваат во спречувањето, сузбивањето и превенирањето на криминалитетот од почетната фаза на откривање и докажување, преку судската казнена постапка и изборот и изрекувањето на санкцијата, до извршувањето на санкциите, но и потоа, особено во постапката за постпенална помош.

Исто така, книгата може да им послужи на студентите по право, криминологија, пенологија, безбедност, психологија и социјална работа, на трите циклуси на студии, како и на секој оној кој се занимава со оваа проблематика.