Новиот африкански ковид ги покоси берзите

LinkSense.mk

Цените на нафтата денеска паднаа за повеќе од 5 отсто, на двомесечниот минимум, затоа што новата варијанта на вирусот ковид-19 внесе страв и загриженост меѓу инвеститорите дека во првиот квартал од 2022 година може да дојде до значителен вишок на понудата.

Нафтените цени потонаа заедно со глобалните пазарни акции заради помислата дека новиот сој на вирусот може да ги забави економскиот раст и побарувачката за горива.

Велика Британија и другите европски држави ги ограничија патувањата од земјите на југот на Африка каде што е откриена новата мутација на ковидот.

Северноморската нафта Брент падна за 4,28 долари или за 5,2 отсто, на 77,94 долари за барел, на тргувањето во 13.29 часот по средноевропско време.

Американската ВТИ нафта, пак, поефтини за 4,31 долари или за 5,5 отсто, на 74 долари за барел, после празнувањето на Денот на благодарноста во четвртокот во Соединетите Американски Држави.

Двата типа на нафта се на пат петтата недела по ред да ја завршат со загуба.

Инвеститорите, исто така, се во исчекување на одговорот на Кина на акцијата на САД за пуштање во промет на повеќе милиони барели нафта од стратешките резерви во координација со други големи држави потрошувачи, во рамки на напорите да се спуштат цените на енергенсите.

„Тоа веројатно ќе доведе до зголемување на понудата во следните месеци“, изјавил за Ројтерс неименуван извор од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), повикувајќи се на наодите од анализата направена од експертите кои ги советуваат министрите на тој нафтен картел.

Според тој извор, ова стручно тело очекува вишок од 400.000 барели дневно во декември, кој во јануари ќе порасне на 2,3 милиони барели дневно, и на дури 3,7 милиони барели дневно во февруари, ако земјите потрошувачи продолжат со ставање во промет на нафта од резервите.

Овие прогнози внесуваат неизвесност во поглед на резултатот од состанокот на ОПЕК и неговите сојузници на 2 декември, кога таа група, позната како ОПЕК+, ќе расправа дали да го прилагоди својот план за зголемување на производството за 400.000 барели дневно во јануари и потоа.

Во фокусот на трговците е и иранското производство на „црно злато“, по повод индиректните преговори меѓу Иран и САД за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година кои би требало да продолжат во понеделник, а кои би можеле да доведат до укинување на американските санкции на извоз на иранска нафта.

Меѓутоа, неуспехот на овонеделните разговори меѓу Иран и Меѓународната агенција за атомска енергија да постигнат макар и скромен договор за надгледување на нуклеарните објекти во Техеран не е добра отскочна даска за преговорите што ќе бидат следната недела“, оценува аналитичарот за Евроазија, Хенри Рум.