Ново владино задолжување

Владата денеска од домашните кредитори позајми 40,1 милиони евра, два и пол пати повеќе од сумата за која требаше да се раздолжи (16 милиони евра).

Годинава ова е трето задолжување на Владата на домашниот пазар на капитал и прво во кое таа го надмина најавениот износ.

На претходните две аукции се позајмуваше онолку колку што беше предвидено од Министерството за финансии, и колку што треба државата да врати по основ на веќе достасани долгови.

А, државата утре треба да врати 16,1 милиони евра, па нејасно е зошто се задолжи на поголема сума.

До сега, владата обезбеди 16,7 милиони евра, преку едногодишни државни записи, со камата од 2,1 отсто, 9,4 милиони евра, со рок на враќање од 15 години, со камата од 3,8 отсто, и 14 милиони евра, преку двегодишни обврзници со каматни стапки од 2,2 и 2,3 проценти.

Јавниот долг на земјава, според официјални информации, достигна 4,7 милијарди евра, што е 50,6 отсто од бруто-домашниот производ на земјава.