Ново одложување за „Маѓар телеком“

Судскиот процес за случајот „Маѓар телеком“, во кој функционерите на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, го тужат за клевета ексразузнавачот Слободан Богоевски, поради неговото тврдење дека тие двајца, како и поранешниот премиер Владо Бучковски земале поткуп за да не дозволат влез на друг телекомуникациски оператор во Македонија, и денес не започна.

Судот не се произнесе по барање на одбраната на Богоевски за утврдување надлежност на македонскиот суд.

Според адвокатот Валентин Зафиров, изјавата на поранешниот директор на УБК за потребите на постапка во САД е дадена во американската амбасада во Скопје, која, според меѓународното право е екстериторијална, односно не е територија на Република Македонија.

Имајќи предвид дека тужителите тврдат оти изјавата е дадена во адвокатска канцеларија во Скопје, судот им наложи да обезбедат сведоци (адвокат и нотар) пред кои е дадено сведочењето и да го преведат транскриптот на македонски јазик со овластен судски толкувач.

Следното рочиште е закажано за 25 мај.

По излегувањето од судница, на која не присуствуваа ниту Ахмети ниту Џафери, Богоевски и Зафиров изјавија дека постапката што блиските соработници во ДУИ ја водат пред Основниот суд Скопје 2 е со цел собирање политички поени и правдање пред нивниот електорат.

Доколку Граѓанскиот суд се прогласи како надлежен, Богоевски најави тужби.

Тој рече дека на 7 мај ќе замине во САД на изрекувањето на пресудата за случајот „Маѓар телеком“ што го води американската Комисија за хартии од вредности.

Фото: Утрински весник