Нов Зеланд ги укинува речиси сите ограничувања поврзани со Ковид

LinkSense.mk

Посетителите на Нов Зеланд повеќе нема да треба да се вакцинираат против корона вирусот, објави денес премиерката Џасинда Ардерн.

Ќе се укине и обврската за носење маска, освен во здравствените установи и установите за згрижување стари лица.

„Време е да ја свртиме страницата во нашето справување со Ковид-19 и да живееме без вонредните мерки што ги користевме во минатото“, рече Ардерн.

Оваа земја во март 2020 година ги затвори своите граници за речиси сите, а повторно во целост ги отвори во јули.

Ардерн истакна дека повеќе нема да биде задолжително да се тестираат туристите по пристигнувањето во земјата и на петтиот ден од нивниот престој.

„Денешниот ден означува пресвртница во нашето управување со кризата предизвикана од Ковид-19. Конечно можеме да кажеме дека периодот во кој корона вирусот диктираше што ќе се случува во нашите животи заврши, ние повторно ја преземаме контролата во свои раце“, рече Ардерн.

Останатите измени, кои стапуваат на сила денес, вечерва од 23.59 часот, вклучуваат само седумдневна обврска за изолација за оние кои се позитивни на Ковид-19.

„Контактите во семејството повеќе нема да треба да се изолираат, туку ќе се тестираат секојдневно“, напомена Ардерн.

За време на пандемијата, Нов Зеланд водеше кампања за нулта толеранција за корона вирусот, па во март 2020 и во август 2021 година, поради појавата на варијантите „делта“ и „омикрон“, беше воведен карантин во целата држава.

Нов Зеланд, земја со околу 5 милиони жители, пријави повеќе од 1,7 милиони случаи на инфекција со корона вирус од почетокот на пандемијата, од кои речиси 2.000 резултираа со смрт.