Нов пад на цената на нафтата

LinkSense.mk

На светските берзи цените на нафтата минатата недела паднаа бидејќи заради брзото ширење на новата „омикрон“ варијанта на корона вирусот, се повеќе земји повторно воведуваат рестриктивни мерки, што може да ја ослабне побарувачката на нафта.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 2,6 отсто, на 73.52 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,3 отсто, на 70.86 долари.

Падот на цената на нафтата, со кој загубија дел од добивките од претходната недела, е последица на загриженоста на трговците бидејќи во светот рапидно расте бројот на заразени со омикрон. Во Данска, Јужна Африка, Велика Британија и некои други земји, бројот на нови случаи на инфицирани се удвојува на секои два дена.

Затоа, се повеќе земји, вклучувајќи ги Британија, Холандија и Данска, повторно воведуваат рестриктивни мерки, и тоа во пресрет на божиќните празници.

Во САД, пак, брзото ширење на омикрон доведе до тоа многу компании да ги одложат плановите за враќање на работниците во нивните канцеларии.

Пораките за внимателност и предупредувањата за нов бран на Ковид се се погласни како што се приближуваат празниците на крајот на годината, расипувајќи го расположението на пазарот. Цените на нафтата би можеле во следните неколку недели да стагнираат во скромна празнична трговија“, рече Вандана Хари од „Ванда Инсајтс“.

Поради омикронот“, некои влади воведоа ограничувања за патувањата за да го спречат ширењето на вирусот.

Широките ограничувања се сигурен знак за нови неволји“, смета Тамас Варга од нафтената брокерска компанија „ПВМ“.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави дека наглото зголемување на бројот на случаи на Ковид-19 по појавата на омикрон ќе ја намали глобалната побарувачка за нафта токму во период на зголемување на производството, посебно во САД.

Тие проценија и дека понудата ќе биде поголема од побарувачката барем до крајот на следната година. Дотолку повеќе што во САД расте производството.

Компанијата „Бејкер Хјуз во петокот објави дека бројот на активни наоѓалишта за нафта и гас, што е показател за идното производство, минатата недела се зголемил за три, на вкупно 579.

Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, предводени од Русија, соопштија, пак, дека би можеле да се соберат и пред 4 јануари, доколку проценат дека поради променетите изгледи за побарувачка, треба да ја преиспитаат одлуката за зголемување на производството за 400.000 барели дневно во јануари.

А, токму поради растот на производството, цените на нафтата се спуштија на почетокот на четвртото тримесечје од највисоките нивоа во последните неколку години.