Нов рекорд на „Мерцедес“

Германскиот автомобилски гигант „Мерцедес-Бенц“ објави дека во февруари продал најмногу автомобили во Соединетите Американски Држави во својата историја.

Продадени се дури 24.522 автомобили со знакот на „Мерцедес“, што е зголемување од 6,9 отсто во однос на февруари минатата година.

Притоа, велат во германскиот производител, продадени се и 2.513 „ван“ и 348 „смарт“ возила што повторно ја крева границата на рекорд, на вкупно 27.383 продадени возила на овој бренд.

„Имавме солиден старт на продажбата во оваа година и очекуваме дека тој тренд ќе продолжи во текот на целиот квартал“, вели Дитмар Екслер, претседател и генерален директор на „Мерцедес-Бенз“ во САД и додава:

„Продолжува големиот притисок за купување на СУВ линијата на возила и ќе се обидеме на тоа да одговориме со нови модели кои ќе ги претставиме во текот на годината.

Кога се моделите кои „Мерцедес“ ги продава во прашање, најмногу се барал „мерцедес Ц класа“. Овој тип на автомобил го купиле 6.145 американски граѓани.

Второто место му припаѓа на „ГЛЕ класа“ со продадени 4.017 возила. На третата позиција е новата „Е класа“ со 3.471 продадени автомобили.

Во февруари добро одела и продажбата на „мерцедес АМГ“ моделот со 2.548 продадени возила, а заедно со јануари таа бројка достигна 5.144 возила, што претставува зголемување од 31,6 отсто на годишно ниво.