Нокаут за француската десница, поразена елитата ….

Конечни резултати – Макрон 23,75%, Ле Пен 21,53% …

Центристичкиот кандидат Емануел Макрон и лидерката на ултрадесницата Марин ле Пен освоија најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори во Франција и се квалификуваа за вториот круг кој ќе се одржи на 7 мај, покажаа конечните резултати кои денеска ги соопшти француското Министерство за внатрешни работи.

francija izbori

Макрон освои 23,75 отсто, а Ле Пен 21,53 отсто, додека зад нив следат конзервативниот кандидат Франсоа Фијон со 19,91 отсто освоени гласови и левичарскиот кандидат Жан-Лик Меланшон со 19,64 отсто.

Квалификацијата на Макрон и Ле Пен за вториот круг на претседателските избори „го менуваат политичкиот пејсаж на Франција“ и „подготвуваат терен за конечна пресметка“ во врска со понатамошното членство на таа земја во ЕУ, оценува АП.

Резултатите од првиот круг на претседателските избори во Франција „ја одразуваат политичката поделеност на Франција“, објави британски „Гардијан“, додека „Тајмс“ констатира дека „француската елита е поразена“.

„Заканата од екстремната десница во Франција и натаму постои“, пишува „Гардијан, истакнувајќи дека Емануел Макрон е „најдобра надеж за таа со проблеми оптеретена, но сепак исклучително земја“, наведува АФП.

„Фигаро“ со наслов „Нокаут за десницата“ се фокусираше на неуспехот на Франсоа Фијон, а „Либерасион“ оценува дека Емануел Макрон е се поблиску до функцијата претседател, пренесува Би-Би-Си.

francija izbori 2

„Фајненшел тајмс“ предвидува дека на 7 мај, кога ќе се одржи вториот круг, ќе биде ден на „крунисување“ на Макрон.

Под наслов „Поделена Франција“, германски „ФАЗ“ укажува дека повеќе од 40 отсто од гласачите дале доверба на крајната десница или крајната левица.

„Шпигл“ објави наслов „Желба на Франција за обнова“ и исто така се занимава со високиот процент на гласови кои отидоа на партиите кои се против естаблишментот.

Сепак, германскиот неделник предвидува победа на Макрон.

Полскиот „Газета виборча“ изразува олеснување што изгледите за излез на Франција од ЕУ ослабеле и во вториот круг предвидуваат победа на Макрон над Ле Пен.

„ЕУ треба да го преживее разводот од Британија кој само што започна. Но, Фрегзит би го погребал европскиот проект, а тоа е она што лидерот на Националниот фронт, Марин ле Пен, го најави“, наведува полскиот весник.

Шпанскиот „Паис“ во воведникот под наслов „Надеж за Макрон“ истакнува дека успехот на младиот центрист укажува на патот кој треба да го следат традиционалните партии ако сакаат повторно да се поврзат со своите гласачи“.

„Човекој кој е обликуван за да стане најмладиот претседател на Франција се проби во државата која ја преплавија кризи и песимизам“, пишува шпанскиот весник.

„Паис“ наведува дека оптимистичките погледи на Макрон за иднината на земјата и Европа ги привлекоа гласачите во време на растечки популизам, национализам и ксенофобија.