Обвинетите во „Моќник” го отфрлија обвинението и се изјаснија за невини

Обвинетите во случајот ,,Моќник” не го прифаќат обвинението поднесено против нив и не се чувствуваат виновни за кривичните дела кој им се стават на товар.

Поопширно образложение во ова имаше еден од обвинетите Шпенд Винца, кој истакна дека се трудел да го разбере обвинителниот предлог, односно негова поврзаност со лица кои, како што рече, ниту ги знаел, ниту ги видел, ниту разговарал со нив.

– Ако има прислушувани разговори нека ги презентират, ќе ги признам. Како може човек да влијае врз мене кога првпат го гледам во судница. Обвинителниот предлог го отфрлам во целост и не се чувствувам виновен – изјави обвинетиот Винца при неговото произнесување за вината.

Случајот го води судијката Ленка Давиткова, а застапници на обвинението се јавните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Според Обвинителството, прво и второобвинетиот се товарат дека сториле „измама“, третообвинетиот дека сторил „измама“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“. Со обвинителниот акт останатите 10 опфатени лица се товарат дека сториле „злоупотреба на службената положба и овластување“. Прво и второобвинети во случајот се Милош Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, а третообвинет е пратеникот Антонио Милошоски. Меѓу останатите обвинети се и Томе Аџиев, Јанаке Витановски, Новица Велјановски, Ѓорѓи Милошевски, Шпенд Винца, Агим Мехмети и Даут Даути.

„Во текот на 2011 година прво и второ обвинетиот заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е ‘поранешниот задружен дом‘, а всушност одобриле отуѓување на зграда со корисна површина од 157 квадратни метри со дворно место од 3.920 квадратни метри во село Ижишта, Општина Македонски Брод, која ја користела Општина Пласница“, наведуваат од Обвинителство.

Со продажбата на овој објект, како што посочуваат од Обвинителство, обвинетите нанеле штета на Република Северна Македонија во значителна вредност од 1.795.800,00 денари и за продажбата на земјиштето нанеле штета на Општината Македонски Брод во значителна вредност од 1.176.000,00 денари.

Во описот на дејствијата што ги презел третообвинетиот, од обвинителство велат дека тој со „особен придонес кон делото“ директно искористувајќи ја својата позиција на пратеник, вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.