ОБСЕ била мета на хакерски напад

Серверите на Организацијата за европска безбедност и соработка биле хакирани оваа есен, со што била загрозена доверливоста на нивната мрежа, наведе денес организацијата.

„ОБСЕ забележа на почетокот на ноември дека се случил голем инцидент врзан за информатичка безбедност, кој ја загрозил доверливоста на неговата внатрешна интернет мрежа и нејзината заштита“, изјави за Франс прес Мерсиха Чаушевиќ, портпаролот на организацијата чие седиште е во Виена, потврдувајќи ја информацијата на францускиот весник „Монд“.

„Тој сајбер напад, меѓутоа, не го прекина функционирањето на мрежата“, рече таа но не наведе детали за упадот во внатрешниот систем.

Како што наведе „Монд“, една западна разузнувачка служба одговорноста за нападот ја припишува на група руски хакери АПТ28, позната исто така по имињата Софаси, Пон Сторм, Цар Тим или Фенси Берс.

sajber-kriminal

Портпаролката на ОБСЕ не ги коментираше тие наводи но додаде дека е идентификуван начинот на кој е спроведен нападот како и тоа кому му била упатена надворешната комуникација.

ОБСЕ е организација која се занимава со дијалогот исток-запад од Ладната војна, а од 2014 година има набљудувачка мисија во украинскиот судир меѓу владините сили и проруските сепаратттииисти.

Таа организација пружа рамка за разговори за политичко-воени прашања, економија, човекови права и медиуми за 57 земји членки меѓу кои се европските земји, земјите од централна Азија и Русија како и САД и Канада.

Кога изби украинската криза таа организација послужи како форум каде што можеа да разговараат Украина, Русија, Европјаните и САД.

Американците ја обвинуваат Русија дека таа стои зад хакерскиот напад на компјутерите на демократската партија што ја поремети американската изборна кампања.

Тие хакерски напади ја загрижуваат и Европа каде Берлин веќе соопшти дека стравува демка може да биде пореметена политичката игра на германските избори во 2017 година.