Објавена нова книга на Даниела Андоновска– Трајковска, насловена „Математичка поезија“

Во издание на Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) неодамна излезе од печат книгата на Даниела Андоновска–Трајковска „Математичка поезија“.

Станува збор за книга поезија во која се споени јазикот на математиката и јазикот на
поезијата.

„Книгата е дефинитивно нешто ново во македонската современа поезија. Поетесата Даниела Андоновска-Трајковска создала лирски јазик во јазикот на математиката. Со еден сосема оригинален манир на поетската анимација таа ни зборува за животот со сите свои парадокси. Нејзиниот израз е стегнат и поливалентен, бидејќи таа гради бескрајна приказна во стихот. Таа никогаш не ја покажува страната во која е
содржано премолченото, страната со зборовите коишто ни лебдат над глава како облачиња над дробната црта или над куќата без гласни жици, но затоа пак одеднаш ни кажува за сите нешта кои не сакаме да ни ги одземат“, објаснува издавачот.

Од ЦККС појаснуваат дека песните се отворени и достапни, разбирливи и приемчиви, но, како што велат, има и запрепастувачки песниминијатури кои шокираат со грандиозноста на мислата, а кои значенски едначат со суштинско-сврзувачките симболи во кодификацијата на математичкиот јазик.

„Даниела Андоновска–Трајковска ги повлекува рационалните и ирационалните вредности на Фибоначиевата низа во спектрумот на текстуални геометриски тела-песни за да го демистифицира човекот не само од аспект на антрополошки емпириски и логички позитивизам, туку и од аспект на еден прагматичен светоглед“, велат од ЦККС.

Авторката на книгата Андоновска-Трајковска објаснува дека сакала да создаде спој меѓу два, на прв поглед, различни јазици: математичкиот и поетскиот.

„Мислам дека прецизноста на математиката и ширината и лиричноста на поезијата се надополнуваат и даваат можност да се создадат песни кои ќе ја прошират можноста за изразување, а истовремено, ќе го потцртаат изразот на чувствата“, вели авторката на книгата „Математичка поезија“.

Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет–Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“–Битола.