Одложено гласањето за резолуцијата за Македонија во Стразбур

Европскиот парламент нема да гласа неделава за резолуцијата за Република Македонија во однос на прогрес-извештајот на Европската комисија за 2016 година.
Европратениците одлучија да го одложат гласањето за идниот месец, поради продолжената политичка криза во земјата.
Во најавата за темите за кои европратениците ќе гласаат на „пленарката“ што неделава ја имаат во Стразбур, се најде само резолуцијата за Црна Гора, додека Македонија, Србија и останатите земји-кандидати ќе почекаат на мислењето од Европскио парламент.
Во претходно усвоената Резолуција во т.н. АФЕТ-група на Европарламентот, Македонија доби осма последователна препорака за отворање на преговорите за членство во Европската унија, но условена со целосно исполнување на договорот од Пржино и на итните реформски приоритети на Европската комисија.
За да биде полноважечка, резолуцијата мора да биде изгласана и од страна на сите 751 пратеници во Европскиот парламент.
Резолуцијата нема правно дејство, туку само советодавно им служи на ЕУ-институциите и на земјите-членки на Унијата.